Често поставувани прашања

Од Wiki.mk

Скокни на: содржини, барај

Содржина

Што е Вики.мк?

Wiki.mk e веб-сајт за споделување содржини за Македонија. Проектот во рамките на кој е создаден овој веб-сајт, има за цел да го надополни недостигот од информации од локално значење. Повеќе прочитај во делот За wiki.mk.

Зошто да се приклучам кон Вики.мк? Кои би биле моите придобивки?

Вики.мк можеш да го користиш и само за да дојдеш до одредени информации. Сепак, доколку сакаш и ти да придонесеш со содржини, целата популација може да има корист од тоа. Ако станеш член на Вики.мк, можеш да научиш подобро да истражуваш за да покриеш некоја тема на која ќе решиш да пишуваш, да правиш добри анализи, да го исполираш својот стил на изразување, да научиш многу за правописните и граматичките особености на македонскиот јазик, и на крајот, да го осетиш неописливото чувство да се биде дел од заедница, која прави нешто добро за сите. Дружењето во заедницата, само по себе си има свои предности. Станувајќи дел од заедницата на Вики.мк, ќе можеш да запознаеш нови луѓе и да стекнеш нови пријателства.

Како можам да научам да уредувам статии на Вики.мк?

Како дел од проектот се одржаа обуки за уредување на Вики статии. Доколку не сте посетиле некоја од овие обуки, повеќе може да прочитате во прирачникот за Вики каде детално се опишани постапките за уредување на Вики. Исто така, разгледајте го и делот на Често поставувани прашања.

Македонскиот не е мојот мајчин јазик? Може ли да пишувам на друг јазик?

Да. Вики.мк служи за промоција на содржини кои се однесуваат на Македонија, но тоа не значи дека мора да се пишува на македонски. Користи го твојот мајчин јазик, но ако си во можност, направи и превод на друг, исто како што е на Википедија. Исто така, ако ова не го направиш ти, некој кој го познава твојот мајчин јазик и плус македонскиот, ќе може да направи превод во иднина. Ако пак го правиш ова, не заборавај да поставиш линк на врвот од статијата кој ќе им овозможи на посетителите да пристапат до оригиналната јазична верзија.

Како да го пребарувам Вики.мк?

Постои мал простор за пребарување во горниот десен агол од страницата, обележан со „Пребарување“. Треба само да напишеш што бараш во тој простор и да го притиснеш копчето „Ентер“.

Кој е одговорен за статиите на Вики.мк?

Вие сте! Ова е колаборативен проект. Многу луѓе допринесуваат со своите информации за различни делови од овој проект и секој може да го направи тоа, вклучувајќи те и тебе. Можеш да дознаеш кој е одговорен за најскорешната верзија на секоја страница со кликнување на врската „Историја“.

Како да започнам да уредувам нова статија на Вики.мк?

Пред сè, потребно е да провериш дали статијата веќе постои на Вики.мк. Тоа го правиш едноставно, со внесување на насловот на статијата во лентата за пребарување. Доколку статијата не е создадена, со избирање на опцијата „Создај ја страницата на ова вики!“ можеш да започнеш со уредување.

Дали постоечките статии може да се дополнуваат?

Секако. Една статија може да ја уредува и дополнува не само оној кој е автор, туку секој кој сака да придонесе таа да биде збогатена со корисни податоци.

На кои теми можам да пишувам на Вики.мк?

На Вики.мк може да се пишува за сè што е од локално значење или поврзано со Македонија. Може да се опфатат теми од областа на историјата, културата, економијата, образованието, археологијата, уметноста, туризмот, забавниот живот, музиката, но може да се пишува и за актуелности, значајни ликови, локалитети, институции... Можностите за избор на теми се широки, со цел да се опфатат што е можно повеќе области и да се поттикне истражувачко-пишувачката работа. Доколку се двоумиш дали некоја тема се вклопува во идејата за Вики.мк, може да нè контактираш на info@wiki.mk.

Што треба да правам доколку најдам фактичка грешка на Вики.мк?

Треба да ја поправиш. Доброволните придонеси на тие кои веруваат дека знаењето треба да биде слободно за секого, всушност ја прават Вики.мк, и заедницата секогаш ќе биде спремна да му посака добредојде на секој кој сака да се придружи. Бидејќи Вики.мк е проект кој секој доброволец може да го уредува, грешки или пропусти можат да се случат и ќе се случуваат. Ова треба да се има на ум додека се чита; самиот начин на кој функционира Вики.мк укажува на тоа дека не треба да му се верува целосно. Страниците постојано содржат цитати на авторитативни дела каде читателот може да се увери во пронајдената информација.

Се обидов да пребарувам внесувајќи го името на статијата на латиница, но не добив резултати. Зошто?

Најдобро е насловите и содржината на статиите да бидат создадени со користење на кирилична поддршка, па затоа препорачливо е пребарувањето секогаш да го правиш користејќи кирилична поддршка. Доколку статијата е создадена со латиничен наслов или е создадено пренасочување за истата, тогаш пребарувањето ќе ти даде резултати од верзијата на латиница. Но, во спротивно, пребарувањето на латиница не е реален показател за постоењето на некоја статија.

Создадов статија, но насловот е на латиница. Дали можам да ја избришам статијата или треба одново да ја создадам со точен наслов?

Статии може да брише само корисник кој е администратор. Потребно е насловот и текстот во самите статии да бидат напишани со кирилична поддршка. Доколку си создал статија, но нејзиниот наслов е латиничен, тогаш потребно е да ја избереш можноста „Премести“ која се наоѓа до јазичето Историја. На тој начин ќе можеш да го внесеш новиот наслов на статијата.

Дали одредена статија може да се заклучи, односно да се оневозможи нејзино понатамошно уредување?

Да, одредени статии може да се заклучат (што значи дека не може да се пристапи кон нивно уредување сè додека не бидат отклучени), но тоа може да го прави корисник кој е администратор на Вики.мк. Заклучувањето на статиите не е вообичаена практика, но доколку е потребно, се заклучуваат статии кои имаат контроверзна содржина или се подложни на вандализам, во случај претходно да не се пронајде друго решение за овие проблеми.

Дали може да се избрише страница на Вики.мк?

Не. Мора да си администратор за да можеш да бришеш статии. Било кој корисник може да избрише текст од страница, но друг корисник може да го врати текстот од архивираната верзија на страницата за една минута. Ако некој почне со континуирани напади, ќе биде блокиран од понатамошно уредување од некој од администраторите.

Зошто времето на уредување во историјата на уредувања не се совпаѓа со реалното време во кое го направив уредувањето?

Форматот на датумот и временското отстапување се автоматски зададени на Вики-платформата, па така, според тоа време се бележат и промените во историјата на уредувања. Овие нагодувања можеш да ги промениш/прилагодиш преку секцијата „Датум и време“, во јазичето за нагодувања на твојот профил.

Како да додадам мултимедијални содржини во статијата?

Пред сè е потребно содржините да се подигнат на Вики.мк преку можноста „Подигни податотека“, која се наоѓа во менито од левата страна на страницата. Потоа, со внесување на записот Податотека:Име на податотеката.jpg, истата се вметнува во статијата. Во моментот постои можност за подигнување единствено податотеки со следните екстензии: png, gif, jpg, jpeg.

При создавање надворешни врски во текстот, истите не се создаваат автоматски во делот надворешни врски на крајот од статијата. Зошто е ова вака?

За разлика од наводите кои со создавањето на делот „Наводи“, автоматски се создаваат на крајот од статијата, надворешните врски е потребно да се создадат рачно преку создавање наслов „Надворешни врски“, и нивно вметнување во овој дел.

Која е разликата помеѓу наводи и користена литература?

Користената литература ги содржи наведени сите дела од кои се користени податоци во статијата. Користената литература треба да се појави и како навод, каде се наведува бројот на страниците од делото на кое се повикуваме, додека како дело под користена литература се наведува делото без наведување на редниот број на страници.

Кој е правилниот редослед на содржините на крајот од статијата?

Иако нема строго правило за ова, според некоја стилистичка определба, истите би требало да бидат подредени според следниот редослед:

Лични алатки
Именски простори
Варијанти
Дејства
Навигација
Локални заедници
За проектот
Алатник