Скопје

Од Wiki.mk

Скокни на: содржини, барај

Скопје е главниот и најголемиот град во Македонија, а воедно претставува административно политички, стопански, културен и образовно-научен центар. Се наоѓа во средишниот дел на Балканскиот Полуостров распространет на бреговите на реката Вардар.

Содржина

Име

Градот Скопје во текот на своето постоење во зависност од историските прилики бил именуван со различни имиња. Античкото име е Скупи (латниски: Scupi).

Името на градот Скопје има различна транскрипција на различни јазици и култури. Градот е познат како Shkupi на албански, Скопље на српски, Scupi на латински, Скопье на руски, Σκόπια на грчки, Scoplie на романски јазик, Üsküp на турски.

Во византиските документи градот е забележан како Скопија, а Словените го означувале и како Скопiе, Скопје, Скопље. За време на владеењето на цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото царство. Во подоцнешниот период градот подпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле Османлиите и го добил името Ускуп (Üsküp).

Историја

Најстарите сведоштва и археолошки пронајдоци тврдат дека Скопје е населен уште од 4 000 г.п.н.е.[1] Скопје за прв пат во документи се споменува од Клаудиј Диоломеј под древното име Скупи. Името Скупи (колиба, засолниште, стреа) за прв пат се јавува кај Пајонското племе Агријани, кои живееле на овие простори.

Според историските податоци, во времето на императорот Октавијан Август, од 13-та до 11-та година пред нашата ера, Скупи од логор (каструм) на двете Македонски легии - 5-та Македонска и 4-та Скитска легија прераснал во град.

Подоцна во 84 или 85 година императорот Домицијан основал колонија Флавија Скупи, град со римски самоуправни права кој бил најголем на просторот од Солун на југ до Дунав на север. Во тоа време Скопје доживува голем развој и станува град со свој бискуп.

На 25 и 26 октомври 1689 година градот го освоил Австро-унгарскиот генерал Силвио Пиколомини кој подоцна го запалил Скопје поради епидемија на чума и за да не им остави ништо на непријателите. Градот горел цели два дена и бил скоро целосно уништен[2].

Во 19-от век Скопје станува важен сообраќаен центар и во него цвета занаетчиството. На 25 октомври 1912 година по 520-годишно владеење Османлиите го напуштаат Скопје, а веќе наредниот ден влегува Моравската дивизија на српската војска со што градот потпаѓа под српска власт.

За време на Првата светска војна Скопје се наоѓа под окупација на Бугарските и Австро-унгарските сили, а по завршување на војната станува дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Во Втората светска војна Скопје повторно е окупирано од Бугарија, сојузник на нацистичка Германија. На 22 април 1941 година бугарската Петта армија го окупира Скопје и останува во градот се до 9 септември 1944. На 13 ноември 1944 година борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од германската фашистичка окупација.

По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година, градот брзо се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Географски податоци

Скопје се наоѓа на 21° 26' источна географска должина и 42° северна географска ширина. Надморската височина во центарот на градот изнесува 240 m. Се простира на 1818 км² во широчина 9 км (Водно-Радишани) и во должина 23 км. (Драчево - Ѓорче Петров). Градското подрачје зафаќа површина од 225 км².

Климата во Скопје ја карактеризира средна годишна температура од околу 12,4 °C. Летата се долги суви и жешки, а зимите ладни со многу магловити денови. Низ скопската котлина протекуваат реката Вардар со своите притоки: Треска, Пчиња, Маркова Река, Лепенец и Кадина Река. Скопската котлина ја опкружуваат планините: Водно, Караџица, Осој, Жеден и Скопска Црна Гора.

Скопски населби и маала

Видете: Скопски населби и маала

Територијална организација на Скопје

Главна статија: Град Скопје

Во градот Скопје има 10 општини: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари. Според бројот на жители, најголема општина во град Скопје е Гази Баба со 72.617 жители, а најмала е Шуто Оризари со 20.800 жители. Според површината, најголема општина во градот Скопје е Сарај со 229 км², а најмала е Чаир со 3,5 км².

Население и демографија

Според новата територијална организација (припојување на општините Сарај и Кондово) градот Скопје има 668.518 жители (66,75% Македонци) меѓутоа околу 15% од тоа претставува селско население поради големиот број на села во составот на Општина Сарај.

Од гледна точка на демографските движења на населението Скопје има позитивна популациона слика. Населението на градот се постојано зголемува пред се поради големиот број доселувања (најчесто од градовите и селата од внатрешноста на Македонија) и поради наталитетот. Мора да се спомене дека како и во целата земја и во Скопје бројот на раѓањата (наталитетот) драстично опаѓа меѓутоа како најголем и најразвиен град во државата стапаката на раѓање сепак е највисока. Доселувањата во Скопје се во постојан подем и континуитет од крајот на Втората светска војна. Луѓето денес во Скопје пред се се доселуваат поради стопанско - економски причини или поради продолжување на своето образование. Светец заштитник на градот Скопје е Св. Богородица.

Јавен превоз

Јавниот превоз во Скопје се одвива со такси и автобуси. Постојат приватни и државни превозници, од кои неспоредливо најголем превозник е ЈСП-Скопје кој го покрива целиот град и неговата поширока околина. Во тек е подготовката за изградба на трамвајски превоз низ градот[3].

Туристички локации

Места од интерес за туристички разгледувања се:

Скопски земјотреси

За прв пат градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се споменува, а скопската котлина добива нов град со името „Јустинијана Прима“.

Во 1555 година градот повторно е разурнат од катастрофален земјотрес, но набрзо е обновен и станува турско воено упориште. Во 16-от и 17-от век Скопје е најголем и најбогат град во европскиот дел на Османлиската империја.

Во почетокот на ноември 1962 поради обилни дождови, реката Вардар го поплави Скопје. Поплавени беа околу 5000 куќи. Поплавата беше предвесник на една поголема трагедија неколку месеци подоцна.

Земјотресот од 1963

Повеќе информации: Скопски земјотрес

На 26 јули 1963 година во 5:17 часот Скопје беше разурнато од земјотрес со 9 степени по меркалиевата скала (6,1 според рихтеровата сеизмичка скала). Под урнатините животот го загубија 1 070 негови граѓани, беа повредени над 4 000 граѓани. Повеќе од 90 отсто од зградите во градот беа урнати и над 20 000 граѓани оставени без покрив над главата.

По земјотресот градот почна да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата Железничка Станица, денес е музеј на градот Скопје и симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Првата помош за граѓаните на Скопје дојде од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започна да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации во светот испратија некаква помош во Скопје кои помогнаа тој да се изгради повторно, и поради тоа градот го носи и епитетот „Град на солидарноста“.

Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнаа американски и советски воени сили кои заеднички им помагаа на скопјани.

Познати личности

Збратимени градови

Скопје е збратимено со следниве градови[4]:

Поврзано

Наводи

  1. A brief account of the history of Skopje
  2. Кики Мангова Поњавиќ:Пиколомини и Скопје - градот феникс, Утрински весник, 3118, 26 октомври 2009
  3. Весна Јовановска-Дојчиновска: Тргна процедурата за трамвај од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, Телма, 22 ноември 2010
  4. Збратимени градови на Скопје
  5. Дрезден - Партнетски градови, © 2008 Landeshauptstadt Dresden, 29 декември 2008
  6. Збратимен градови на Инстанбул, 8 септември 2007
  7. 49 збратимени града во 2003, Радикал, 3 ноември 2003

Надворешни врски

Општо
Земјотресот од 1963
Туризам и комплетен преглед на градот
Слики
Лични алатки
Именски простори
Варијанти
Дејства
Навигација
Локални заедници
За проектот
Алатник